Ќерката на поранешниот руски и британски шпион Сергеј Скрипал, Јулија, во првото обраќање на јавноста по труењето, изјави дека татко ѝ заздравува бавно и болно.
Јулија и Сергеј Скрипал со недели беа во критична состојба кога беа отруени со нервен гас на 4 март во Солсбери, јужна Англија. Јулија изрази желба да се врати во Русија, но рече дека засега не сака да контактира со руската амбасада во Велика Британија.
Таа изјави дека само таа, како и нејзиниот татко стојат зад изјавите кои биле пренесени во јавноста претходно, а не дека тоа го направиле британските служби.
Се разбудив со веста дека двајцата сме биле отруени. Фактот дека за тоа бил користен нервен агенс беше шокантна. Мојот живот се сврте наопаку, рече таа во своето обраќање.
Таа излезе од болница на 10 април, а нејзиниот татко минатата недела. Велика Бритнија ја обвини Русија за нападот. Москва негира каква било вмешаност. Поради скандалот, САД, Велика Британија и дваесетина европски земји, меѓу кои и Македонија, протераа руски дипломати.