Женската ракометна репрезентација на Македонија го доживеа третиот пораз во квалификациите за Европското првенство, откако на домашен терен во „Кале“ високо загуби од фаворитот Шведска 20:32.
Ракометарките, по двете победи над Фарски Острови, немаа сила да направат изненадување со кое ќе останеа во игра за пласман на елитниот европски ракометен собир. Швеѓанките диктираа игра цел натпревар и заслужено ги однесоа бодовите. Во меѓусебните дуели ова беше втора победа за скандинавската селекција.
На овој натпревар официјално од ракометот се прости и репрезентативката Мирјета Бајрамоска, која реши да замине во пензија на 33-годишна возраст.
Најдобри ракометарки во нашиот национален тим беа Јаневска и Ристовска со по пет гола, а Ѓоргиевска даде три, додека кај Шведска, Робертс заврши со седум, а Хагман со шест гола.
Наредниот квалификациски натпревар за пласман на ЕП нашите ракометарки го играат на 3 јуни кога гостуваат кај Србија која е лидер во групата.