Италијанскиот 25-годишен тенисер Марко Чекинато, 72-ри на АТП листата, сензационално го победи Србинот Новак Ѓоковиќ со 6-3, 7-6 (4), 1-6, 7-6 (11) по три часа и 24 минути голема борба и стана најниско рангираниот полуфиналист на Ролан Гарос во последните 19 години.
Чекинато направи предност од 2-0 во сетови, но поранешниот најдобар тенисер на светот беше на прагот од петтиот сет кога во четвртиот гем поведе со 5-2, Сепак, Италијанецот кој во настапите во Ролан Гарос никогаш не го минал првото коло на Грен-слем турнирите, со пресврт успеа да избори „тај-брек“ во четвртиот сет, кој се претвори во вистинска драма.
Чекинато прв дојде до „меч-топка“ при водство 6-5. Потоа Ѓоковиќ испушти три можности да избори петти сет (7-6, 8-7, 9-8). Но од тогаш поранешниот освојувач на Ролан Гарос повеќе немаше шанса за враќање. Чекинато испушти уште две „меч-топки“(10-9 и 11-10), за по 24 одиграни поени да успее со прецизен лоб да го измами Ѓоковиќ и да го спречи на патот на неговото 32-ро полуфинале на Грен-слем турнирите.
Чекинато во мечот за неговото прво финале на Грен-слем турнирите во петок го очекува пресметка со Австриецот Доминик Тием кој ги искористи заморот и повредата на 2-от носител Германецот Александар Зверев и го надигра со 6-4, 6-2 и 6-1.