Лавров: Русија не барала, ниту има намера да се врати во Г8

© Александр Щербак/ТАСС

Русија никогаш не барала да ѝ се овозможи враќање во групата осум најразвиени земји во светот, ниту има намера да се врати во Г8, бидејќи е задоволна во рамките на Г20, изјави во саботата рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по вестите дека европските партнери го отфрлиле предлогот на американскиот претседател Доналд Трап, Русија да биде вратена во оваа група

„Кога нашите западни партнери одлучија да се вратат на форматот Г7, ние ја прифативме нивната одлука и од тогаш работиме на други платформи. Членките на Шангајската организација за соработка (којашто одржува самит во Кина викендов – з.р), БРИКС (групацијата на најбрзо растечките економии во светот која ја сочинуваат Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) и Г20 го споделуваат нашиот пристап“, изјави шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров за рускиот Прв канал.

Претставниците на Европската унија се согласија на самитот на Г7 во петокот дека сѐ уште не се постигнати услови Риска да се врати во групата, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на маргините од самитот на Групата седум, која се одржува во канадската покраина Квебек, пренесе Reuters, додавајќи дека станува збор за предлог на американскиот претседател Доналд Трамп кој прво доцнеше а потоа и предвреме ја напушти Канада.

Лавров додаде дека „ултиматумите не се доволни за Г20, таму е потребно да се постигне договор“. „Групата 20 е механизам за постигнување консензус. Веруваме дека тоа е платформа којашто најмногу ветува кога станува збор за иднината“, додаде.

Русија во 1997 година ѝ пристапи на Групата 7, со што нејзиниот формат се промени во Група 8. Меѓутоа, откако во Киев во март 2014 година беше соборена владата а потоа како одговор на новите закони руското и рускојазичното мнозинство на црноморскиот полуостров Крим се одлучи преку референдум да си ја врати укинатата автономија од 1990-те години и да се присоедини на Руската Федерација што Западот го смета за нелегално руско анектирање на украинска територија, Г8 го суспендираше членството на Русија.