Заев не е свесен на какво уништување се согласил

Граѓанска иницијатива „Го Сакам Водно“ преку соопштение реагира на изјавите на премиерот, Зоран Заев, во врска со гасоводот низ парк-шума Водно.

Како што наведуваат од „Го Сакам Водно“ премиерот во телевизиско интервју вчера изјавил дека се решава комплетно делот на Скопје каде граѓаните треба да знаат дека секое дрво 10 пати повеќе ќе се обнови, дека делот каде поминува гасоводот низ парк-шума Водно е нискостеблеста шума, дека само тој дел од изградбата е закочен. Додал дека станува збор за намалeни параметри од 25 метри на 10 метри и сето ќе биде обновено како шума што ќе биде исечено за коридорот, дека секоја цевка гас штеди илјадници дрва и од Шар Планина и од Скопска Црна Гора и од Водно, зошто гасификацијата значи можност за енергенс за греење и дека гасификацијата само во тој дел е застаната.

На ваквите изјави на премиерот, од граѓанската иницијатива велат дека гасоводот кој е планиран да се гради низ парк-шумата Водно нема никаква поврзаност со гасификацијата на Скопје.

„Се работи за магистрална делница која е наменета гасот кој е пристигнат до Скопје, пред повеќе од 20 години, да го однесе до Косово, Тетово, Гостивар, а потоа и Кичево. Гасоводот само поминува низ Водно и оваа делница не го решава Скопје“, се наведува во соопштението.

Понатаму, од „Го Сакам Водно“ велат дека заштитено подрачје како што е парк-шумата Водно, каде живеат ретки, ендемски и загрозени видови, не смее да се избанализира и не може да се сведе на ниво „за секое исечено дрво, 10 ќе насадиме“.

“Вакви изјави укажуваат на големо непознавање за функционирањето на еден екосистем и навистина мора да се стави крај на вакво несоодветно и крајно симплифицирано гледање на природата со целиот жив свет во неа и нејзиното значење. Гасоводот минува низ 4 километри шума, високостеблеста, а делот што се смета за нискостеблеста шума е густа шума на дрвја, високи околу 2 метра“, велат од граѓанската иницијатива.

Додаваат и дека изградбата на гасоводот не е закочена само во овој дел, на Водно, туку на должина од околу 50 километри од оваа делница, поради неразрешени имотно-правни односи и незавршен процес на експропријација. Исто така, оттаму констатираат дека пошумување на трасата на гасоводот нема да има, зошто врз неа не смее да се садат дрвја, што значи ќе остане гола до крај на својата употреба, а со тоа и фрагментацијата на хабитатот.

„Заедно со нас граѓаните не е дојдено до заеднички прифатливо решение и ние сѐ уште чекаме на термините на вицепремиерот Кочо Анѓушев за заедничко разгледување на трасата каде би се увидело колку навистина шума би се исекло и уништило. Јавно го каниме и премиерот да ни се придружи, затоа што очигледно е зафатен и можеби до сега немал време да се качи на Водно и да се увери за какво уништување се согласил“, се наведува во соопштението на „Го Сакам Водно“.

Од иницијативата, во однос на изјавата на Заев, понатаму додаваат дека секоја цевка низ која минува гас би значела штедење на илјадници дрвја, само во случај кога гасот би се користел за греење онаму каде сега се користат дрва, а тоа се главно домаќинствата.

„Примерот со Скопје не ја потврдува оваа заштеда на дрва со носење на гасот пред повеќе од 20 години до градот. За конверзија и приклучување на домаќинствата кон гасоводната мрежа, потребни се значителни финансии, кои во најголем број на случаи, тие кои се греат на дрва, ги немаат. Случајот за Тетово и Гостивар е ист. Под претпоставка да се изгради целата делница годинава, домаќинствата кои користат дрва за греење во Скопје, Тетово, Гостивар, нема да преминат на гас во догледно време, некои никогаш и нема да се заштедат илјадници дрва од Шар Планина, од Скопска Црна Гора. За Водно штетата ќе е поголема, со тоа што ќе се уништат шуми за изградба на гасоводот, а за другите кои се сечат за греење, гасот што минува низ овие цевки нема ништо да значи, зошто само поминува на својот пат кон Косово, Тетово, Гостивар, Кичево“, констатираат од граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“.