Една жртва и 132 ранети во експлозијата во Етиопија

Едно лице починало а уште 132 се повредени во саботата во нападот со граната врз политички собир во Етиопија на кој зборуваше новоизбраниот премиер Абиј Ахмед, објави министерот за здравство Амир Аман.

„Едно лице почина во болница. Сакам да изразам сочувство на семејството и на етиопскиот народ. Тоа што се случи е тажно , но никогаш нема да го уништи нашето единство“, напиша на Twitter министерот Аман.

Нападот е изведен веднаш откако премиерот Ахмад го завршил говорот во центарот на градот, прв собир откако ја презема должноста. Грима Каса, заемник во полициската комисија во Адис Абебеа, изјавил за државната телевизија дека стотици луѓе се повредени во нападот, од кои 15 се тешко ранети.

Собирот на кој се собрале десетици илјади луѓе е организиран како поддршка за 41-годишниот Абиј кој должноста ја презема во април. Премиерот нападот го опиша како „неуспешен обид на силите кои не сакаат Етиопија да се обедини“.

„Станува збор за граната. Некој се обидел да ја фрли на бината каде што беше премиерот“, изјавил Сејум Тешоме, еден од организаторите на собирот.

Новиот етиопски премиер во јуни беше подготвен целосно да го спроведе мировниот договор со соседна Еритреја потпишан во 2000 година, по двегодишната војна која заврши со прекин на дејствијата и трупање на војски на меѓусебната граница. Нападот во саботата го осуди и Еритреја.