Поранешниот малезиски премиер уапсен за проневера

Поранешниот премиер на Малезија, Наџиб Разак, уапсен е во вторникот поради наводна вмешаност во повеќемилионска проневера на државен инвестициски фонд, а во среда се очекува и подигнување обвинение против него.

Службите коишто го истражуваат случајот за наводната кражба и перење пари од државниот фонд, известија дека апсењето на Наџиб Разак е поврзано со сомнителен трансфер на 42 милиони рингити, или 10,6 милиони американски долари, преку повеќе компании на неговата банкарска сметка.

Во кусото соопштение што го пренесуваат малезиските медиуми се наведува дека Разак утре ќе биде изведен пред суд, како и дека против него може да биде подигнато обвинение поради наводна вмешаност во проневерата, но детали од обвинението не се објавени.

Полицијата во текот на приведувањето на поранешниот премиер запленила накит и вредности во износ од повеќе од 272 милиони долари во недвижнини кои на некој начин се поврзани со Разак. Тој, пак, ги негира сите обвиненија.