Мицкоски најави 1.500 тима на ВМРО-ДПМНЕ во активности ширум земјата, но и нови протести

Ова лето го посветуваме на Македонија, 1.500 тима ќе ги посетат домаќинствата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавува работно лето, односно „Лето за Македонија“.

Тој во „Топ тема“ на Телма ги откри деталите.

„Илјада и петстотини тимови на ВМРО-ДПМНЕ ќе допрат до секој дом, ќе се обидеме да ги прикажеме политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе се обидеме на граѓаните да им ги сублимираме сите погрешни политики од страна на оваа Влада предводена од СДСМ и од Зоран Заев. Ќе се обидеме да собереме што е можно повеќе сојузници во нашата борба за зачувување на националното достоинство, националниот идентитет, националната гордост. Сите тие имаат цел која треба да ја исполнат, обуките започнуваат овој викенд. ВМРО-ДПМНЕ во минатото покажало во многу наврати дека е државотворна партија, така и овој пат, партија која поседува сериозен човечки капацитет и интелектуален потенцијал“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави и нови протести. Мицкоски, исто така, во своето гостување во „Топ Тема“ изрази разбирање за граѓаните кои го дале својот глас за СДСМ. Мицкоски ги оправдува и потенцира дека сигурно имале причина за тоа, но сега се гневни и се каат за тоа што им се случува.

„Јас ги разбирам и можам да ги оправдам, имале сигурно добра причина зошто гласале против ВМРО-ДПМНЕ, но истите тие граѓани сега кукаат и лелекаат со тоа што гледаат дека им се случува со нивната држава“, рече Мицкоски.

Претседателот на најголемата опозициска партија истакна дека кога граѓаните гласале против ВМРО, гласале за луѓе кои им ветувале се, а сега ништо не исполнуваат и напротив ги уназадуваат граѓаните и државата. Тие вели Мицкоски сега се револтирани, а опозицијата сега треба да гледа како вистински да ја реформира државата и да ја направи подобра.

„Можам да ги разберам граѓаните во Република Македонија кои на минатите локални и парламентарни избори гласале против ВМРО-ДПМНЕ, сигурно имале добра причина зошто тоа го сториле, сигурно имале добра причина зошто тоа го сториле. Исто така истите тие граѓани можам да ги разберам сега кога се револтирани дека кога гласале против ВМРО гласале за луѓе кои што во тој момент им ветувале се, а сега не исполнуваат ништо, напротив ги уназадуваат. До кога ние ќе правиме реминисценции на минатото. Ние треба да гледаме како оваа држава да ја реформираме и да ја направиме подобра“, заклучи Мицкоски.