Мицкоски: Изборот е меѓу две опции, спас на кариерата на Заев или битката за Македонија

Следува период во кој премиерот ќе кажува дека Северна или Горна Македонија било сеедно, изјави во неделата Христијан Мицкоски во Кавадарци каде што ВМРО-ДПМНЕ одржа протестен марш кој им порача на граѓаните дека следува тежок период.

„Тоа е исто како да кажете денот е ноќ, а црното бело, како да кажете крвописот во Ваташа не постоел, а таму токму за тоа име згаснале 12 млади животи. Слава нека им е, тие згаснале за ова име. Како да ги помножите со нула што за оваа земја се бореле и кавадарчаните Јованче Велков, Иванче Минчев, Јанаќи Ќурчиев и Пане Иванов кои и го формирале првиот комитет на ВМРО по солунскиот, и пред чија спомен плоча го држиме и денешниот митинг. Затоа стојам гордо пред вас и ви велам дека оваа битка нема да биде лесна. За оваа битка мора да сме подготвени, мора да сме мудри, трпеливи. Паралелно додека ја водиме битката потребно е да ја креираме програмата којашто ќе значи одговор на проблемите на нашите сограѓани“, истакна Мицкоски.

Истакна дека изборот се состои од две опции: спас на кариерата на Заев или битката за Македонија.

„Јас ја избрав втората, а гледам и вие сте ја избрале. Во таа борба ние ја одбираме Македонија. Горди Македонци, нашите великани во минатото пишуваа:

Да се биде Македонец –
најпрво е света работа,
а дури потоа проклетство и немир.
И не сме Македонци
само затоа што зборуваме на македонски,
и не сме Македонци
само затоа што пееме на македонски –
Македонци сме затоа
што тагуваме на македонски!

Но, прекрасно ми е што сум Македонец
Оти само еднаш
татковината се освојува однадвор,
а потоа секогаш се освојува само однатре!

Неплодна земја не раѓа,
а Македонија раѓаше: и бунџии, и ајдуци,
и комити, и партизани!
Од гнездо на црно пиле бело не се извело:
ни во сон не помислувајте дека Македонија
не е татковина на Слободата,
дека не е нива на љубовта,
дека не е поле на верата“, цитираше Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека Македонија се буди.

„Овој пат ќе го чекориме заедно. Рамо до рамо, срце до срце ќе чука во периодот кој доаѓа. Затоа што сите сме и потребни на Македонија. Можеби нема да имаме втора шанса, мора да сме подготвени. Колку сме-толку сме и горди сме. Македонија ќе победи“, порача Мицкоски.

Претходно во своето обраќање, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и економската состојба во земјата, посочувајчи дека една од стратешките гранки земјоделието е на најниско ниво и оти уште се чекаат оштетите од невремето од 2017година, во исто време кога е запрен откупот на бостанот.

„Од министерството велат фатаморгана било фрлањето на лубениците. Но, бидете сигурни дека тоа е реалноста. Лани беше исто со праските овде во Кавадарци и во Росоман, а како тргнала годинава којзнае како ќе биде и со пченицата, оризот или грозјето, иако сѐе уште се паметат зборовите на премиерот дека нема да дозволел никаков проблем со откупот. Гледаме сега викаат не знаеле како да го решат. Треба да знаеш да го решиш проблемот со откупот. Лесно е да ветуваш, кога ќе дојде денот да се справиш со проблемите тебе те нема. Ќе завршиш на некој викенд на Халкидики и од таму се розево делува. Прашај ги овие луѓе како се печат под жешкото македонско сонце“, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети и на други неисполнети ветувања од страна на власта на Заев.

„Се сеќавате на двете фирми Еурокомпозит и Колска. Ете овие две компании беа меѓу првите ветувања на власта дека ќе се донеле трајни решенија и ќе проработеле. Поминаа 14 месеци, ниту решение има, а плати ако добијат некаква милостина еднаш или два пати годишно. Здравството стана министерство за смрт. Нема една реформа која ја направија, нема еден проект кој го спроведоа. А се сеќавате колку само гласни беа и низ какви болни судбини кариери градеа. А сега кога умираат бебиња во ГАК поради недостиг на инкубатори, а пациентите крварат по ходниците, а докторите немаат ниту завој да ги преврзат, зошто тој мора нели приватно да се купи, никаде ги нема. Затворени се во нивните кабинети под клима, увалени некаде длабоко во конфорните фотељи и ги нема да ја видат реалноста по која така жестоко плукаа кога беа горди опозиционери. Ги нема затоа што нивна приоритет беше како да се укине Советот за јавни набавки и да можат на полесен начин да ги договараат тендерите во четири очи“, истакна Мицкоски.

Илустрираше како се однесува актуелната влада предводена од СДСМ.

„Може слободно да се каже дека за една година и два месеца, колку што се на власт, бележат само порази и тие стануваат наше болно секојдневие. Но она каде што навистина се трудат е овие порази преку забревтаната и скапо платена пропагандна машинерија да ги престават како наводни победи. По принципот на онаа случка од комунизмот од соседна Бугарија кога велеа ‘тази дупка не е дупка’. Тоа е единственото нешто кое им е преостанато. Не е чудо и чочек да изиграат како оној пред тунелот на автопатот Демир Капија – Смоквица кој тие ниту го испроектираа ниту го изградија. Тоа е дело на ВМРО-ДПМНЕ и уште такви стотици дела ќе останат зад нас“, порача Мицкоски.