Шефот на Дортмунд: Подготвен сум да платам по 100 милиони евра за Левандовски и Мбапе

Извршниот директор на Борусија Дортмунд, Ханс-Јоаким Вацке призна дека веднаш би платил 100 милиони евра за топ-стрелецот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски, кој си направи име токму во дресот на „жолто-црните“.

– Во нападот се уште имаме слободно место. Роберт го познава првенството, клубот и ние знаеме дека тој ќе почне да функционира веднаш. Малку играчи можат да ти дадат таква сигурност. За таков играч сум подготвен да платам 100 милиони евра. Но негов трансфер не може да се реализира, бидејќи Роберт нема да се врати во Дортмунд, а Баерн воопшто не сака да го продаде, прокоментира Вацке пред „Спорт Билд“.

Шефот на тимот од „Сигнал Идуна парк“ додаде дека сепак треба внимателно да се трошат слични суми.

– Ако сега инвестирам 100 милиони евра во играч кој е над 30 години, тогаш ги губам овие пари. Бидејќи не можеш да го продадеш овој фудбалер по некое време. Ќе дадам пример со Килијан Мбапе – ако можев да го земам за 100 милиони евра, ќе ги платев веднаш. Бидејќи веројатноста да си ги вратам парите по некое време, е многу голема. Можеме во даден момент да платиме 100 милиони евра за фудбалер, кого го сакаме по секоја цена и веруваме илјада отсто во неговите квалитети, анализира Вацке.

Извршниот директор на „жолто-црните“ сепак додаде дека преферира тимот сам да изгради една ѕвезда, наместо да купуваат подготвени фудбалери.

МИА