Каталонскиот претседател Ким Тора ги обнови повиците до Мадрид да го прифатат референдумот за независноста на овој регион. Откако по смената на шпанската влада се смирија тензиите меѓу администрацијата во Барселона и Мадрид, Тора минатата недела отфрли било што друго освен целосен референдум за независност.
Претходно новиот шпански премиер, Педро Санчез вети дека Каталонците може да одржат референдум за новиот статус на покраината, но само за поголема автономија, а не независност.
Ако шпанската администрација тоа не го смета за преговарачки став, тогаш ние ќе продолжиме понатаму затоа што имаме демократски мандат, изјави Тора за каталонскиот весник „Периодико“.
Стотици илјади Каталонци ќе одат на улиците на Барселона на 11 септември за да го одбележат регионалниот празник.
Тора ги повтори барањата за отфрлање на обвиненијата против девет сепаратистички лидери обвинети за разни прекршоци, вклучувајќи го и бунтот поради нивната улога на минатогодишниот референдум и последователното прогласување независност. Судскиот процес може да започне најрано во октомври, што може да доведе до дополнителни тензии.
Повеќе стотици илјади Каталонци се очекува утре да излезат на улиците на Барселона поради одбележување на регионалниот празник „Диаде“, кој во претходните години сепаратистите го претвораа во масовни демонстрации на кои бараа отцепување од Шпанија.
Илјадници Шпанци, пак, вчера протестираа во Барселона против отцепување на Каталонија и бараа национално единство.