Владата во Приштина едногласно усвои, без присуство на членови од Српската листа, три предлог закони за трансформација на косовските сили за безбедност во војска и по итна постапка ги достави на парламентот.
Законите ги предложи надлежното министерство кое соопшти дека прифаќањето на предложените закони за косовските сили за безбедност преземаат нови задачи, а министерството за КСБ тежнее да прерасне во министерство за одбрана, пренесува Коха.
Завршувањето на безбедносните механизми е најголемата инвестиција на земјата во догледна иднина. Косово ќе изгради вооружени, професионални, мултиетнички и инклузивни сили, усогласени со војските на мирот, засновани врз стандардите на НАТО. Парламентот е следната институција која ќе решава за тоа. Пратениците имаат можност да се изјаснат. Ги повикувам сите да гласаат, власта, опозицијата и сите заедници , изјави по седницата на владата, премиерот Рамуш Харадинај.
Коха потсетува дека власта во Приштина веќе неколку години подготвува трансформација на косовските безбедносни сили во косовска војска и дека, според уставните одредби, таа трансофрмација е можна само со двотретинска поддршка од Србите. Власта во Приштина, меѓутоа, смета дека трансформацијата треба да се спроведе во согласност со законите, каде поддршка од Србите не е предвидена.
Косовскиот претседател Хашим Тачи, пак, смета дека оваа одлука е донесена во погрешно време.
Мислам дека процесуирањето на ова денеска е во погрешен ден, на овој историски ден за Косово кога добивме визна либерализација. Немаме потреба денеска да упатуваме ваква погрешна порака на нашите меѓународни партнери и пријатели. Дали имаме право, да, имаме право. Дали треба да се движиме напред, да, треба, но тоа да биде целосно во координација со САД и НАТО. Секое друго движење може да доведе до сплетки и непотребни политички проблеми, но и негативни меѓународни импликации во однос на иднината на Војската на Косово, изјави Тачи.