Јанушев: Народот знае дека прашањето за Македонија е натпартиско

Македонскиот народ и граѓаните се доволно свесни и искусни за да знаат дека прашањето за Мекдонија е натпартиско прашање, порача во петокот генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на средбата со граѓаните на општина Ранковце и Крива Паланка.

„Како што веќе имаме повеќе пати кажано, со граѓаните разговараме за штетните последици од она што ни се случува во овој период односно од договорот кој Зоран Заев го потпиша со соседна Грција, со штетните последици кои пред се ќе ги имаме во иднина со бришењето на Македонското име, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, спорниот член 8. Граѓаните се заинтересирани да слушнат што е всушност тоа што во иднина ќе се случува во основа со договорот, бидејќи од она што го гледаме освен манипулативната кампања која што СДСМ и Заев ја водат не спомнуваат ништо за договорот“, рече Јанушев.

Генералнито секретар на опозициската партија се осврна и на референдумското прашање за што рече дека е најголемата дилема којашто постои.

„Може од почетокот кога почнавме со теренските посети граѓаните не беа доволно информирани, меѓутоа сме секој ден на терен, буквално не само ние како носители на политички функции во ВМРО-ДПМНЕ во овој момент туку и целокупното наше членство го објаснува тоа и народот е повеќе од свесен од тоа што се губиме ние како народ и како нација. Во однос на референдумското прашање апсолутно нема човек во државата кој што знае дека е манипулативно, дека е нејасно, дека е наведувачко и мислам дека граѓаните се посвесни и знаат како треба да постапат на 30-ти септември“, рече Јанушев.

Потенцираше дека остануваат на истиот став кој што го соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за референдумот.

„Ова е натпартиско прашање многу поголемо од било кој политички субјект од кој што постоел, постои или ќе пости во Република Македонија. Народот македонски е доволно паметен, доволно искусен и пред се свесен за да знае како да постапи на 30-ти септември и она што би сакал нели нормално денеска овде од Крива Паланка да го упатам како порака можеби со мала симболика бидејќи токму од Крива Паланка, токму Заев упати еден повик за поткуп и присила на граѓаните да им порачаме на сите тие кои што можеби се наши или ќе се најдат во ваква ситуација дека ВМРО-ДПМНЕ силно ќе застане позади секој. Исто така да им упатиме една порака на оние од власта кои што се дрзнуваат и воопшто да зборуваат за тоа, дека еден ден а тој ден ќе дојде многу брзо дека правдата ќе ги стигне сите и ќе одговараат буквално за сите овие злодела кои што ги прават на Република Македонија и на граѓаните на Република Македонија“, изјави Јанушев.

Се осврна и на одбивањето на премеирот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, да се соочи во телевизиски дуел со Мицкоски.

„Лично би сакал да излезе, и да видиме кои аргументи ќе ги спротивстави на претседателот Мицкоски бидејќи тврдам апсолутно дека нема ништо што е добро во овој капитулантски договор. Значи со ова се прави штета на сите нас, токму и затоа е пораката која што ја упативме е дека секој од нас треба да го употреби разумот и да размисли што значи, меѓутоа исто така и да го слуша своето срце за како ќе одлучи на 30-ти септември“, изјави Јанушев.

Напомна, исто така, дека смета оти не постои начин на сила да се изнесат повеќе 900 илјади граѓани на референдумот против нивната волја.