Аугсбург го запре Баерн, победа на Хофенхајм

Актуелниот германски фудбалски првак минхенски Баерн ја прекина победничката низа одигрувајќи 1:1 против Аугсбург со натпреварот игран во рамките на петто коло од германското фудбалско првенство.

Баерн во првите четири првенствени кола, и по една средба во германскиот куп и во Лигата на шампионите нанижа шест победи со ред, но серијата ја запре Аугсбург.

Баварците и во овој меч беа на чекор од победата, имаа водство и неколку одлични шанси, меѓутоа гостинскиот голман Андреас Лут имаше бравурозна ноќ. Германскиот шампион поведе во 48 минута со голот на Арјен Робен, а израмни Феликс Геце во 88 минута по лошата реакција на баварскиот голман Мануел Ноер.

Хофенхајм на гостувањето го победи Хановер со 3:1. Гостите одеа со головите на Џошуа Бренет во 20 и Павел Кадерабек во 49 минута, но во 55 минута намали Никлас Фулкруг од пенал. Сепак сите дилеми околу победникот ги разреши Исак Белфодил во судиското продолжение.

Вердер продолжува со одличните игри и резултати и ја победи Херта со 3:1, со што се проби на второто место во Бубдеслигата. Головите за екипата од Бремен ги постигнаа Мартник Херник во 11, Милош Вељковиќ во 45 и Макс Крузе во 66 минута од пенал, додека за гостите прецизен беше Хаварио Дилросун во 53 минута.

Шалке, пак, го доживеа и петтиот пораз сезонава, овојпат кај Фрајбург. Решавачкиот гол го постигна Флориан Недерлехнер во 52 минута. Шалке 04 е убедливо последен без бодови и со гол разлика 2:9.

На табелата води Баерн Минхен со 13 бодови, Вердер е втор со 11, додека Херта е трета со 10 бодови. Борусија Дортмунд е четврта со 8 бодови, но и натпревар помалку

Во среда играат: Фортуна Доселдорф – Баер Леверкузен, Борусија Дортмунд – Нирнберг, РБ Лајпциг – Штутгарт, Борусија Менхенгладбах – Ајнтрахт Франкфурт и Мајнц 05 – Волсфбург.