Француски суд делумно ги врати средствата на партијата на Лепен

Францускиот апелационен суд во средата на челничката на партијата од крајната десница Марин Лепен ѝ даде финансиско олеснување со одлуката да ја преполови сумата запленета од партиската сметка, што го побара обвинителството во јуни обвинувајќи го тогашниот Национален фронт за финансиски неправилности.

Нејзината партија Национален собир, порано позната како Национален форнт, сепаќ ќе задржи 1,04 милиони од 2,04 милиони евра колку што требаше да даде.

Заплената на средствата ја наредија во јуни судиите поради тврдењето дека Лепен со пари од Европскиот паралмент, каде што е пратеничка, ги плаќала своите помошници кои всушност работеле за нејзината партија. Европскиот парламент минатата година нареди Марин Лепен да врати 298.000 евра.

Лепен оваа одлука ја осуди како „напад врз демократијата“ и покрена кампања за собирање пари, тврдејќи дека партијата нема да може да ги исплати нејзините вработени.

Европскептикот Лепен на минатогодишните претседателски избори заврши втора зад проевропскиот центрист Емануел Макрон благодарејќи на традиционалниот сојуз на сите политички провиниенции во Франција против крајната десница.

Последните анкети покажуваат дека нејзината партија во пресрет на европските избори во 2019 година е речиси изедначена со водечката Републиката во движење на Макрон.