Историскиот момент е огромен и овој референдум има веројатно исто такво значење како што имаше првиот референдум за независност на 8 септември 1991 година.
Ова вечерва го истакна министерот за надворешни работи Никола Димитров во дуелот со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски на емисијата Топ Тема на телевизијата Телма.
– Да се зборува за референдум од 2005 година наваму, да се има во сите партиски програми, првото компромисно решение што двете држави го потпишале да е на маса во 27 години и да се бега од одговорноста, од гласот на народот, бидејќи народот зборува преку гласање, е неверојатно неодговорно и е бегство од одговорноста и е страв – рече Димитров.
Toj посочи дека во член 1 став 3 во однос на јазикот, официјалниот јазик на втората страна ќе биде македонски јазик, државјанството ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, како што ќе биде заведено во сите патни документи.
Потенцира дека не може идентитетот да се гради со стотина споменици во главниот град. Идентитетот, посочи, мора да се гради со убедување со пријатели, со убедување дека и Грција има интерес ова прашање да се надмине…
– Се што сакаат граѓаните овој пат го овозможува Македонија да биде со зацврстена државност, да ја надмине задачата што сме ја добиле од Советот за безбедност на ОН од 1993 година, да ја ставиме последната тула во градењето на македонската држава, сигурни граници, бидејќи кога ќе влеземе во НАТО пораката е границите се тука да останат и услови за подобра софра на сите граѓани, за повеќе работа и подобро платена работа. Ова е тој пат – додаде Димитров.