Последни часови до кампањскиот молк за референдумот

Вечерва на полноќ почнува предреферендумскиот молк, и дотогаш треба да завршат сите активности на јавната пропаганда и кампањата.

Коалицијата „Излези ЗА европска Македонија“ вечер завршен собир има во Тетово, движењето Беса во скопски Чаир, а прес-конференции најавија Алијансата на Албанците и координативното тело против референдумот при Светскиот Македонски конгрес ќе одржи прес конференција кое повикува на бојкот на референдумот.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера извести дека кампањата „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија, како кампања од јавен интерес не спаѓа во јавната пропаганда за референдумот и може да се емитува и во петок и во сабота иако веќе ќе биде молк пред референдумот.

– Ве известуваме дека АВМУ испрати известување до сите радиодифузери, во кое им посочи дека едукативната и информативна медиумска кампања „Твој став, твое право“ на Државната изборна комисија не се смета за платена јавна пропаганда за Референдумот и од тие причини можат да ја емитуваат и во деновите на референдумот, се вели во одговорот на АВМУ на барањето на ДИК.

Според Роковникот на ДИК молкот пред референдумот започнува 48 часа пред одржувањето на референдумот.

Извор: МИА