Повторно одложено судењето за смртта на Тамара

Камера и клупи во судница побара одбраната во судскиот процес за смртта на деветгодишната Тамара Димовска од Велес која во 2015 година почина чекајќи операција на ‘рбетот. На денешното рочиште кое го водеше судијата Марин Станевски дојдоа сите дванаесет обвинети лица, но адвокатите приговараа за превод на дел од доказите, како и за условите во судницата во новиот Кривичен суд.

Поради отсуство на неколкумина обвинети судењето се одлага веќе четври пат. Следното рочиште е закажано за 29-ти октомври. За разлика од претходно, на денешното рочиште дојдоа сите обвинети но адвокатите приговараа за условите за работа.

Најпрвин тие приговараа зошто нема превод на доказите од електронската комуникација на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и здравствените установи во Хрватска а потоа се пожалија дека во судницата нема доволно клупи каде што би го сместиле обемниот доказен материјал и дека нема услови да седат до своите обвинети клиенти.

Одбраната побара да се донесе и камера во судница за да се снима текот на постапката како што предвидува Законот за кривична постапка. По ова судијата Станевски одлучи рочиштето да биде одложено додека обвинителството не обезбеди превод на доказите. Судијата Станевски, исто така, ги прилагодуваше термините според адвокатите Сашо Дуковски и Татјана Поповска.

Во овој случај обвинети се дванаесет лица за несовесно работење во служба. Меѓу нив не е и тогашниот министер за здравство Никола Тодоров.

За случајот, според соопштението од ОЈО Скопје, обвинети се членовите на Првостепената и на Второстепената комисија, кои го донеле односно го потврдиле негативното решение за лекување на Тамара во странство, како и двата тогашни директора на Фондот за здравствено осигурување и претседателот на Управниот одбор на ФЗОМ.

Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, се наведува во обвинителниот акт, го донела првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Комисијата, спротивно на Стручниот конзилиум на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, а по истекот на законски предвидениот рок донела мислење дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Македонија, се наведува во обвинението.