Македонија влегува во нова политичка криза, а ВМРО-ДПМНЕ останува на тоа што е кажано по референдумот- избори, но со техничка пржинска влада и обвинителство чиј прв човек ќе биде на предлог на опозицијата како и собраниска комисија која ќе ги разгледа нерегуларностите при референдумскиот процес, за да истите не се повторат за време на предизборието и на самиот ден на гласање, рече лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски на прес-конференција.
Тој побара од Заев да се откаже од Договорот оти народот не му дал подршка и демантираше дека преговара за амнестија со образложение дека власта тоа го користи да ги скрие криминалите на владеачката гарнитура.
Народот испрати сериозна порака, дека Зоран Заев не може да биде повеќе премиер и дека треба да се повлече. Овој договор не поминува првенствено не затоа што ВМРО-ДПМНЕ води некаков инает, или дека поставува некакви непринципиелни барања, туку власта треба да знае и да расчисти еднаш засекогаш дека народот не го прифаќа. Ваква слепа улица во која не дотурка власта, треба да се отвори, а Македонија да има излез. Не заради Заев кој станува минато, туку заради иднината на целата држава. Нова криза ќе ја доуништи и така кревката економија, а секој еден од вас знае дека со овие луѓе нема да биде подобро, туку напротив ќе биде само полошо. Бизнисот ќе трпи, а сиромаштијата ќе се зголемува, вели Мицкоски.