Осум нови жртви во поплавите во Јордан

Во петокот вечерта е објавено дека уште најмалку осум лица загинале во поплавите предизвикани од обилните врнежи во Јордан, како и дека властите биле присилени да евакуираат повече до 3.700 туристи од древниот град Петра во петокот.

Туристите се префрлени на безбедна локација пред да бидат поплавени делови од Петра, којашто е позната по нејзините хеленитички градби вдлабени во карпите, изјавила портпаролката на јорданската влада Џимана Ѓунајмат, пренесува агенцијата Reuters.

Властите во петокот прогласија и вонредна состојба за подрачјето на градот Акаба на Црвенот Море, а автопатот кој го поврзува главниот град на Јордан со југот од земјата, исто така, е затворен. Покрај тоа, затворени се и училиштата и универзитетите, додека џамиите во поплавените области се отворени како прифатилишта за загрозеното цивилно население.

Министрите за образование и за туризам на Јордан минатиот петок поднесоа оставки откако во поплавите од минатиот четврток животите ги загубија 21 лице, претежно деца, во текот на наставата во одморалиште во главниот град Аман.

„Министерот за образование, Азми Махаф, и министерот за туризам, Лина Анаб, ги поднесоа оставките до премиерот Омар ал-Разаз“, изјавил неименуван јордански функционер за агенцијата AFP. Анаб на Twittter објави дека се повлекува „во атмосферата на општата политичка клима и болниот период“.

Парламентарната комисија формирана по инцидентот обвини некои од јорданските министри за „небрежност“, а некои членови од законодавниот дом, исто така, ги повикаа министрите да отстапат од должностите.

Училиштето го извело однапред планираното патување, и покрај извонредно лошите временски прогнози за силно невреме. Поплавите предизвикани од обилните дождови ги преплавиле долините и клисурите носејќи луѓе и добиток кон Мртвото Море. Порој ги однел децата, нивните учители и други лица кои патувале, откако сите го напуштиле заглавениот автобус во клисурата Зарка Мајан крај Аман. Во трагедијата смртно настрадаа 15 деца.

Оваа несреќа е оценета како една од најсмртоносните во кралството Јордан со децении, а локалните медиуми ја нарекоа „Црниот четврток“. Кралот Абдула Втори рече дека станува збор за „огромна трагедија“ и ја откажа планираната за петокот посета на Бахреин.

Десетици други луѓе, исто така, се повредени во споменатата несреќа, додека 37 лица се спасени во текот на драматичнмите операции за пребарувања, во кои беа ангажирани хеликоптери и нуркачи.