Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески во понеделникот на јавната седница во Апелацискиот суд во Скопје на која се разгледуваат жалбите поднесени од неговиот адвокатски тим за определената мерка притвор потврди дека бил на средба кај шефот на државата Ѓорге Иванов, но не како обвинет во постапките на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), туку како граѓанин, загрижен за актуелната политичка состојба во земјата.
„На 14.11.2018 година ми беше врачено решение во 5 часот за определена мерка притвор без притоа да дадам изјава или да бидам сослушан од страна на кривичниот совет и да бидат избестени моите бранители. Ваквото незаконско постапување е спротивно на судската пракса“, рече
Јанакиески додаде дека ден пред неговото приведување околу 16 часот заедно со уште две лица од кои едното од Кабинетот на Иванов бил на 90-минутна средба на која тема не била амнестијата, туку иницијатива за актуелната политичка состојба. Рече дека при определувањето на мерката притвор институциите ги прекршиле законите, конвенциите и човековите права, а службената белешка од УБК која СЈО ја понудило како доказ за неговото бегство, ја нарече фингирана.
„Во службената белешка од УБК нема ниту ден, ниту датум, ни време ни место за остварената средба. Одговорно тврдам дека оваа службена белешка е фингирана и е направена истиот ден кога побегна Никола Груевски. Оваа службена белешка е класифициран податок, нејзината содржина не смее да се изнесува и овде Кривичниот совет прекршил Закон за тајност на податоци“, истакна пред судиите Јанакиески.
Дополни дека ако СЈО му поверувало на службеник на УБК дека испратил наводен посредник кај Иванов, требало да направи проверка со кабинетот, а и да бидат проверени снимки од безбедносните камери за посетите кај претседателот.
„Кога на некого му ја одземате слободата треба точно да проверите некои факти. Двете соопштенија од кабинетот на Иванов ги демантираат фактите на СЈО. Не можете на исто рамниште да ставите исказ на вработен во УБК и соопштение на претседателот“, дополни обвинетиот Јанакиески.
На јавната седница поранешниот министер за транспорт и врски нагласи дека со Иванов се познава повеќе од десет години, дека често се среќавал со него во време кога бил министер бидејќи заедно ја промовирале Македонија како поволна бизнис дестинација, дека Иванов присуствувал и на неговата свадба и дека доколку сакал, Јанакиески лично, а не преку посредник, ќе се сретнел за да си договори амнестија.
Во врска со тврдењата на СЈО дека поседува сметки во странски банки, Јанакиески истакна дека е подготвен да се спогоди со СЈО и да прифати дури и доживотен затвор, ако СЈО докаже дека тој има сметки во странство.
„Немам сметки во странство, а ако СЈО може да го докаже спротивното, спремен сум да одлежам онолку колку што ќе кажат, па макар и доживотно“, рече Јанакиески.
Во врска со бегството на Груевски рече дека најостро го осудил и уште веднаш откако Груевски побегнал во медиумите тој кажал дека ваквиот потег ќе има голема штета. Јанакиески нагласи дека откако Груевски побегнал, тој имал телефонски разговори со високи претставници на Владата на кои им го посочил следново: „Јанакиески и Груевски не се истата личност и јас не треба да сум жртва на неговите постапки“.
И врачувањето на решението кое од службите било направено на 14 ноември во 05 часот наутро Јанакиески го нарече незаконито, бидејќи ниту му била земена изјава, ниту биле известени неговите адвокати. Како доказ дека немал намера да бега, обвинетиот Јанакиески го посочи и фактот што редовно се јавувал на шалтер во судот и не отсуствувал од ниту едно судско рочиште.
На крајот излагањето кое го изнесуваше со растреперен глас, Јанакиески им порача на апелациските судии да ја исправат неправдата која му била нанесена и побара да му дозволат да се грижел за своето семејство и од слобода да се подготвел да докаже дека не е виновен за ниту една постапка на СЈО. Себе си се нарече прва жртва на најголемото масовно прислушување. Од судиите побара да му ги вратат мерките на претпазливост, односно редовно јавување секој петок на судскиот шалтер и одземена патна исправа.
Апелацискиот суд има рок од 48 часа да донесе одлука по жалбата на јанакиески за мерката притвор.