Со чартер-лет од Амстердам на холандскиот тур-оператор „Корендон“, утре на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе пристигне првата група туристи од Бенелукс, со што практично започнува летната туристичка сезона на Охридско-струшката ривиера.
Станува збор за туристи што имаат закупено аранжмани на „Корендон“ со нивниот македонски партнер „Фибула Ер-травел“, додека вториот чартер со туристи од Бенелукс е закажан за 8 мај, кога доаѓа првата група туристи од Холандија, Белгија и Луксембург кои ќе престојуваат во Охрид и Струга преку аранжманите на тур-операторот „ТУИ Аркетравел“.
Како што појасни Дончо Танески од ХОТАМ, последниот лет за враќање назад на туристите од Бенелукс што ќе летуваат тука е предвиден за 2 октомври, што значи активно присуство на туристи од тој дел на Европа на Охридско-струшката ривиера во период од околу 160 дена.
– Тоа значи дека во периодот што следува во Охрид и Струга седмично ќе престојуваат околу 900 гости од Бенелукс, сместени во 15-тина хотели, а дел од нив во 20-тина приватни апартмани, истакна Танески.
Претседателот на ХОТАМ нагласи дека продажбата на аранжманите за летување во Македонија е подобра од минатата година, кога беше реализирана околу 70 процентна искористеност на закупените капацитети.
– Оваа година очекуваме таа бројка да биде над 80 проценти, што е резултат на поагресивната кампања на двете компании, со благовремено отпочната продажба на аранжманите на „Корендон“ и „ТУИ“, истакна Танески.
Првата потврда на зголемената продажба на аранжманите за летување во Македонија беа последните денови од големиот туристички саем во Утрехт, одржан во јануари годинава, што подоцна е потврдено и со зголемениот број резервации во сместувачките капацитети во Охрид и Струга.
Двете холандски туристички агенции „Корендон“ и ТУИ Аркетравел“ оперираат со сопствени авиони од трета категорија, односно летала со капацитет меѓу 180 и 190 седишта. Предвидено е летово на охридскиот аеродром седмично да слетуваат пет авиони со туристи од Бенелукс.
Извор: МИА