Во настојувањата да го одржат сеќавањето на легендарниот американски музичар Елвис Присли кој од 1958 до 1960 година како американски војник служел во германскиот град Фридберг, гратските татковци одлучиле да му посветат три семафора.
Попрецизно, музичката икона, на радост на туристите и жителите на градот од почетокот на декември „танцува“ на сигналните светла на три семафора во Хохе Волфенгасе, Хаагштрасе и во близина на туристичката агенција Хаас.
Додела е вклучено црвеното светло рокенрол митот држи микрофон и во за него карактеристичната поза ги предупредува пешаците дека е забрането да се мине преку пешачкиот премин. Штом се вклучува зеленото светло, пак, Присли почнува да „танцува“, давајќи им знак на пешаците дека е безбедно да се мине улицата.
„Сакавме на оригинален начин да го привлечеме вниманието на туристите и да ги потсетиме дека Елвис мал дел од животот минал токму во овој град“, изјави за весникот Wetterauer Zeitung, локалната политичарка Марион Гец, која открива дека трошокот за поставување на овие семафори чинел околу 1.000.
Додека како американски војник престојувал во Фридберг, Елвис живеел во соседниот Бад Наухајм. Двете гратчиња имаа клубови на обожаватели, а во оној во Бад Наухајм фановите и денес палат свеќи и оставуваат цвеќе и мали подароци во знак на сеќавања на поранешниот нивен сограѓанин. Во градот се одржува и Елвисовиот европски фестивал, а градските власти на мостот кој ги поврзува двата дела на гратчето во догледно време планираат да постават бронзена статуаа на пејачот.