Индонезиските стручњаци се сомневаат дека смртоносното цунами, кое во саботата го погоди брегот на Индонезија, предизвика свлечишта кои само неколку минути претходни ги покренаа ерупциите на вулканот Анак Кракатау.
Вулканот, лоциран на околу 50 километри од плажите во покраините Бантен, веќе подолго време претставува закана за населението на копното. Ерупцијата на Кракатау во 1883 година, една од најразорните и најсмртоносни во поновата историја, покрена големо цунами во коешто животите ги загубија околу 36.000 луѓе, а заглушувачките експлозии можеле да се слушнат дури до Австралија.
Анак Кракатау, или Дететото на Кракатау, почнал да се формира во 1927 година на остатоците од калдерата на Кракатау. Во моментов се издигнува 338 метри над нивото на морето, објави националната геолошка агенција. Еруптираше во 2016 и 2017 година и засилено е активен од јануари оваа 2018 година.
Поради повеќето мали ерупции, во јули и во август, годинава, проширена е забранетата зона околу островот во Зондонскиот канал. Во цунамито, кое во саботата навечер ги погоди бреговите на островите Јава и Суматра, според последните податоци загинале најмалку 222 луѓе, повредени се 834 лица, а досега се пријавени како исчезнати 28 луѓе. Но, властите предупредуваат дека бројот на жртви може да расте. Илјадници жители се евакуирани на повисоките терени.
Двата најголеми светски архипелага, Индонезија и Филипини, се дел од т.н. Пацифички огнен прстен, плоча која е формирана на дното од Индискиот и западниот дел од Тихиот Океан, која на ова место навлегува под Азиската плоча. Како резултат на движењето на овие две плочи на териториите на овие две земји се чести земјотресите и вулканските ерупции. Со тоа овој регион е еден од сеизмички најактивните зони на планетата.
Во овој дел од светот се наоѓаат најактивните тектонски плочи, од кое едната се движи со брзина од седум сантиметри годишно. Годишно сеизмолозите регистрираат меѓу шест и седум илјади потреси со магнитуда над 4,0. Во декември 2004 година, катастрофален земјотрес со јачина од 9,2 степени крај Суматра предизвика цунами во кое загинаа над 230.000 луѓе во десетина земји.