Бразил распоредува војска за спречување на насилствата во Форталеза

Околу 300 војници се распоредени во градот Форталеза на североистокот од Бразил за да го спречат бранот насилства и криминал, објавија тамошните власти.

Војниците ќе патролираат низ градот и другите делови од бразилската сојузна држава Сеара, поради нападите врз продавниците, банките и автобусите. Министерството за правда нареди распоредување на војниците по десетината напади регистрирани оваа седмица.

Нападите се своевидна форма на протест против новите заострени мерки во локалните затвори кои ги контролираат криминалните групации. Управата за затворски систем во Сеара го блокираше сигналот за мобилната телефонија во келиите и ја укина практиката според којашто затвореницие се групираат според припадноста на одредена банда со која се сакаше да се спречат пресметки меѓу ривалските групи.

Снимките од надзорните камери покажуваат членови на банди како палат бензински станици. Поради насилствата досега се уапсени педесетина лица.

Распоредувањето на војската доаѓа само неколку дена по инаугурацијата на новиот претседател Жаир Болсонаро, ултрадесничар кој вети жестока пресметка со насилниот криминат. Шеесет и тригодишниот Болсонаро убедливо на изборите од 28-ми октомври го победи Фернандо Хадад од левичарската Работничка партија. Во инаугурацискиот говор најави јакнење на војската и полицијата.

„Националното мото е ред и напредок. Ниедно општество не може да се развива без тоа“, порача Болсонаро. Пред да биде политичар, служел во бразилската армија како падобранец и стасал до чинот капетан, а и по изборот за претседател ги задржал добрите односи со армијата

Според податоците на невладините организации, во Бразил во затвор се повеќе од 700.000 луѓе. Бразил ја има четвртата најголема затвореничка популација во светот по САД, Кина и Русија. На национално ниво, пак, пополнетоста на затворите изнесува 167 отсто, а затвориските услови се крајно нездрави.