Однесувањето на еден од поистакнатите функционери од редовите на албанската владејачка партија ДУИ, Артан Груби, особено во синоќешното гостување во емисија на телевизијата 24, е уште еден доказ дека набрзина и нелегално донесениот Закон за употреба на јазиците нема да придонесе за „релаксирање“ на меѓуетничките односи, како што тврдеше премиерот Зоран Заев.
Таканаречениот „концепт едно општество за сите“ што го промовира СДСМ на Зоран Заев, а недвосмислено потекнува од т.н. Тиранска платформа составена од премиерот на Албанија, Еди Рама, едноставно не функционира. Владата на социјалдемократите, од експерти од разни области, беше предупредувана дека новниот неосмислен Закон за јазиците всушност ќе ја направи Македонија двојазична и на штета на македонскиот интегритет и национален суверенитет, многу скоро добија потврда.
Пратеникот Груби, имено, со новата провокација, овојпат во живо од студиото на Телевизија 24, многу јасно покажа како овој закон го доживуваат албанските политичари. Имено, како алатка којашто ќе ја употребат во политички кампањи во коишто ќе доминира повторно етничкиот карактер, во случајов кај албанската заедница.
А, тоа е сосема спротивно од флоскулата „едно општество за сите“ на Заев. Особено што доаѓа набргу по неговиот потег без преседан – да ја преиmенува државата по барање на друга држава, што кај Македонците создаде силно чувство на горчина од губењето на идентитетот. И особено откако во јавноста се појави дописот со кој шефот на дипломатијата на Атина и` појаснува дека дека „македонско, македонски, macedonian не се етничка или национална припадност туку само државјанство“.
Поради ваквото чувство на национален пораз меѓу Македонците, и тоа за многу кус период, разбирливи се жестоките реакции на јавноста преку социјалните мрежи на наводната симболика на двоглавиот орел на пратеникот Артан Груби искажана во спомнатата емисија на ТВ24.
На забелешката од новинарот дека партискиот лидер Али Ахмети и вицепремиерот Бујар Османи, зборуваат за наводни евроатлантски интеграции, а објавуваат фотографии на кои пропагираат националистички симбол прославувајќи ја објавата на Законот за јазиците во Службен весник, Груби и самиот го покажа двоглавиот орел.
Груби се обиде да релативизра дека симболиката на двоглавиот орел е еднаква како кога фудбалерите се крстат или молат за време на фудбалски натпревар и измеша верски и национални симболи. Меѓутоа истовремено и упати навреда кон македонскиот репрезентативен ракометар Стојанче Стоилов, кого го нарече „играчот со број 5“, поради тоа што тој ја напушти церемонијата на доделувањето на наградите за спортисти на годината во организација на владината Агенција за спорт и млади, која вон протоколот и најавите стана двојазична.
Претходно кога се објави Законот за двојазичност во Службен весник, тој и` порача на опозицијата која целиот период се противи на истиот, ВМРО-ДПМНЕ да го преведе на албански и таква табла да постави пред своето седиште.