Турција ја обвини коалицијата дека се обидува да го попречи договорот со Русија во Сирија

Некои земји членки од меѓународната коалиција предводена од САД против терористичката групација Исламска држава се обидуваат да го попречат турско-рускиот мировен договор во сириската покраина Идлиб, изјави во четвртокот шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу.

Во септември минатата година претседателите Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин договорија создавање демилитаризирана зона по должината на контактот меѓу вооружената опозиција и владините сили во северната провинција Идлиб. Потоа, министрите за одбрана на Турција и на Русија потпишаа меморандумот за стабилизирање на ситуацијата во тамошната зона на деескалација.

Чавушоглу ја обвини меѓународната коалиција дека финансиски ја поддржува радикалната групација Хајат Тахрир ал-Шам, која ги обединува групациите коишто ги предводи Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда. Оваа групација се формираше во 2017 година, како одоговор на воспоставувањето на прекинот на огнот во Сирија и контролира поголем дел од покраината Идлиб.

„Второ, овие земји вложуваат големи напори да не дозволат создавње на уставотворната комисија (во Сирија) само затоа што ние го правиме тоа“, додава Чавушоглу во интервјуто за весникот Hurriyet.

Турскиот министер за надворешни работи, исто така, вели дека руската страна предлага заедничка операција за потиснување на милитантите од регионот, меѓутоа земјите од коишто доаѓаат бунтовниците не сакаат да ги примат назад.

Притоа Чавушоглу вели дека Хајат Тахрир ал-Шам повеќе не може да регрутира нови борци, бидејќи турско-сириската граница е силно контролирана од страна на Анкара.