Од деветмината кои влегуваат во внатрепартиската трка за избор на претседателски кандидат на ВМРО ДПМНЕ, најголеми шанси за номинација им се дават на професорката Гордана Силјановска и пратеникот Влатко Ѓорчев.
Професорката Силјановска поднесе кандидатура откако до неа јавен повик испратија 30-тина нејзини колеги. Во повикот тие наведоа дека во Силјановска натпартиски препознаваат кандидат со обединувачки капацитет. Тие ја повикаа и ВМРО ДПМНЕ да застане зад кандидатурата на Силјановска.
Силјановска веќе има улога на фаворит во пресрет на Конвенцијата на 16-ти февруари во Струга. За Влатко Ѓорчев, лидерот на партијата, Христијан Мицковски неодамна кажа дека е Тоти во ВМРО ДПМНЕ. Ѓорчев е пратеник во Собранието во неколку мандати. Својата кандидатура ја најави уште пред неколку недели велејќи дека има капацитет и знаење за да ја извршува претседателската функција.
Покрај нив, гласот на делегатите ќе го бара и Филип Петровски, поранешен директор на Државниот архив. Меѓу кандидатите е и поранешниот градоначалник на Виница, Горан Ангелов, кој во моментов директорува со депонијата „Дрисла“. Останатите имиња на листата апликанти се политички анонимуси. Никита Шекутковски е редовен професор на Природно математичкиот факултет во Скопје. Меѓу кандидатите е и Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика, како и пензионираниот професор од Шумарскиот факултет, Илија Димовски. Апликација до ВМРО ДПМНЕ поднеле и Васко Костов, фармацевтски техничар и Сашо Кутлешовски, доктор по земјоделски науки.
Потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски вели раководството не фавроризира никој од кандидатите. Секој од нив ,вели Мисајловски, ќе има шанса да се претстави пред членството и да ги запознае со својата програма.
„Ние ќе го поддржиме оној кандидат што ќе победи на Конвенцијата. Затоа апелирам до сите кандидати овој период да ја покажат нивната визија, да ја покажат нивната програма, да ги освојат срцата на сите граѓани. Со тоа што они ќе го направат и тоа што следи во наредниот период се надевам дека ќе биде одлична програма за сите граѓани и тој што ќе победи на Конвенцијата треба да не сплоти и се разбира дека ова раководство но и целото членство, се разбира и сите граѓани ќе го прифатат тој кандидат кој што ќе победи. Ова е демократија и нека победи најдобриот“, вели Мисајловски.
Последниот збор ќе го имаат 550 делегати кои со тајно гласање на Конвенцијата закажана за 16-ти февруари во Струга ќе го изберат претседателскиот кандидат.