Амбасада на САД: Зголемен ризик од терористички акт во Македонија, можни цели од трговски центри до училишта и политички митинзи

Откако Министерството за внатрешни работи во петокот вечерта објави за спроведена акција со цел попречување можен терористички чин во земјата, зад кој наводно стојат поддржувачи на џихадистичката групација Исламска држава, амбасадата на САД во Скопје издаде безбедносно предупредување до своите државјани кои престојуваат во Македонија да бидат внимателни.

Постои зголемен ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичка идеологија, во Северна Македонија. Терористички организации и поединци инспирирани од екстремистичката идеологија имаат намера за напад врз цивили, вклучувајќи и државјаните на САД во странство. Терористите сè почесто користат помалку софистицирани методи за таргетирање на групи луѓе на јавни места, вклучително и со користење на пиштоли, возила и остри предмети., соопштуваат од амбасадата на САД во Скопје.

Терористичките напади и други безбедносни инциденти често се случуваат без никакво предупредување, а граѓаните на САД треба одржуваат високо ниво на претпазливост.  Екстремистите повеќе се стремат кон изнаоѓање и напади врз ‘меки цели’, како што се: трговски центри и пазари, аеродроми, хотели, клубови и ресторани, верски објекти, училишта, паркови и јавни настани од висок профил (спортски натпревари, политички митинзи, демонстрации , празници, славенички собири итн.), објавено е на сајтот на американската амбасада со пет совети за американските државјани.

Министерството за надворешни работи претходно во петокот објави за спречен терористички напад, но без никакви детали за она што е  најдено и дали има приведени.

Без прецизирање кога се случиле претресите и дали има приведени, од МВР соопштија и дека изготвиле „план на мерки и активности со цел попречување терористичкиот напад“, за којшто добиле, како што соопштија, „оперативни сознанија од партнерска земја во врска со потенцијални планови и намери за извршување на терористички акт на територијата на Република Северна Македонија од страна на припадници на радикални структури поддржувачи на ИСИС“.

Според сознанијата на теелвизијата Телма, попладнево имало итен повик од амбасадата на САД до скопската противпожарна бригада.