Повеќе илјади Црногорци се собраа во саботата вечерта на централниот плоштад во Подгорица барајќи оставка од претседателот Мило Ѓукановиќ поради корупција, од премиерот Душко Марковиќ, како и од челниците на обвинителството и на јавниот сервис Радио Телевизија Црна Гора.
„Доколку тоа не го сторат, на 16-ти март ќе се собереме повторно и нема да си заминеме додека тоа не го сторат“, порача Милош Кривокапиќ, еден од водачите на протестот.
Учесниците на граѓанскиот протест на водството на земјата му дадоа рок од 15 дена да ги напуштат функциите и ги повикаа опозициските партии да излезат од Скупштината на Црна Гора, сѐ додека не бидат исполнети нивните барања.
Во текот на протесната прошетка во која беа пред државните институции, граѓаните носеа транспаренти со натписи „Татковината се брани со протест“, „Ние сме здравото ткиво“, „I’m gonna miss you, Milo“ (Ќе ни недостасуваш Мило), „Стани и победи“.
Никој во Црна Гора не дава официјални процени за бројот на демонстрантите, а некои од црногорските медиуми на насловните страници во неделата наведуваат дека станува збор за „најбројниот протест од црногорската независност“.
Саботниот протест беше петтиот во низата граѓански протести кои започнаа откако црногорскиот олигарх во бегство Душко Кнежевиќ објави снимка како во пресрет на парламентарните избори во 2016 година му дава плико со 97.500 евра на поранешниот градоначалник на Подгорица, Славољуб Стијеповиќ.
Кнежевиќ тогаш објави дека „парите ги дал во договор со Мило Ѓукановиќ за финансирање на изборната кампања“, како и дека тоа се само дел од парите од „неколку милиони евра“ кои ги дал за финансирањето на владејачката Демократрска партија на социјалистите (ДПС) во последните две децении.
Од тогаш Кнежевиќ секојдневни изнесува тешки обвинувања на сметка на црногорскиот претседател и на неговото најблиско семејство, тврдејќи дека ниеден голем бизнис во Црна Гора не може да започне без соодветно мито за „луѓето од црногорскиот државен врв“.
„Поседувам снимка на којашто Ѓукановиќ зема пари и ќе ја објавам кога за тоа ќе дојде времето“, се закани Душко Кнежевиќ од Лондон, каде што се наоѓа од избувнувањето на аферата „Атлас“ и каде што, како што тврди, како државјанин на Велика Британија ужива потполна безбедност.
Црногорското правосудство по Кнежевиќ распишаа црвена потерница на Интерпол, обвинувајќи го дека е на чело на криминална група којашто преку неговите банки во Црна Гора, ИБМ и „Атлас банка“ перела пари.
Претседателот Мило Ѓукановиќ ги негираше обвинувањата од Кнежевиќ, тврдејќи дека „не му паѓа на памет да поднесе оставка“.