Милан и Интер градат нов стадион

Италијанските фудбалски гиганти, миланските клубови Милан и Интер, планираат да изградат нов стадион чијашто вредност се проценува на 600 милиони евра.

Според пишувањето на италијанскиот дневен весник La Reppublica, градскиот совет на Милано веќе дало дозвола, а се чека уште „зелено светло“ од Интер, за работите на новиот стадион да започнат.

Градењето на новиот стадион ќе чини околу 600 милиони евра, а директорите на „Росоњерите“ и „Нераѕурите“, Иван Гадидис и Алесандро Антонело, веќе патувале во САД за да разговараат со претставниците на банката „Goldman Sachs“ за финансирање на проектот.

Сегашниот стадион „Џузепе Меаца“, или популарен уште и како „Сан Сиро“, ќе биде урнат, а стотина метри понастрана ќе биде изграден новиот стадион со 60.000 места. Стадионот треба да има подвижен покрив, променливи фасади, но и подвижни терени. Стадионот ќе има и мала сала со 5.000 места за концерти и други настани, како и нов комплекс за шопинг.

Mоделот за новиот стадион во Милано е стадионот „MetLife“ во Њујорк, на кој настапуваат екипите од американската рагби NFL лига Њујорк Џајантс и Њујорк Џетс.

Стадионот „Сан Сиро“ е изграден во 1926 година и досега е четири пати реновирани, во 1935, 1955, 1990, и меѓу 2015 и 2016 година.