Западни земји и посочија на сириската опозиција дека мировните преговори, што ќе се одржат следниот месец, може и да не доведат до смена на претседателот Башар ал Асад, додавајќи дека тој треба да остане на власт, за да се спречи Ал Каеда да не ја презеде власта во земјата, пренесува „Ројтерс“.
„Нашите западни пријатели изјавија јасно во Лондон дека Асад не може да си отиде сега, бидејќи тие мислат дека тоа може да доведе до хаос и да се презеде контролата во земјата од страна на екстремистите“, рекол еден од членовите на Националната коалиција на Сирија, која учествуваше на средбата „Пријатели на Сирија“, во Лондон минатата недела.
Промената во приоритетите на западот, особено на САД и Велика Британија, од симнување на Асад од власта, кон борба против исламските екстремисти, причини раздор меѓу меѓународните сили, според дипломати и претставници на сириската опозиција.