Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги отфрли во вторникот како апсурдни тврдењата на официјален Белград дека тој или некој друг од државниот врв на Косово стои зад протестите во Србија против српскиот претседател Александар Вучиќ
На прес-конференција во Приштина, Харадинај им порача на српските власти да не го инволвираат него и некој друг во сопствените внатрешни проблеми.
„Апелираме до властите во Србија своите внатрешни проблеми да ги решаваат самите и да не остават нас да си ги вршиме нашите работи“, рече косовскиот премиер и ги повика и челниците на Европската унија да му го упатат на Белград истото барање.
„Во маките кои самите си ги имаме, воопшто не ни текнува на Србија и на тоа што се случува таму“, рече Харадинај.
Српската напредна партија (СНС) на Вучиќ и нејзините сојузници во власта, кои се соочија со протести на опоицијата со барање за негова оставка, ги обвинија, меѓу другите, Харадинај и другите лидери на косовските Албанци дека ги помагаат опозициските демонстрации со цел да го урнат Вучиќ и актуелната власт.
Српскиот претседател ги обвини и странските амбасади за „двојни аршини“, затоа што, според него, не реагирале на упадот на демонстрантите во Радио-телевизија Србија (РТС) онака како што реагираа на случувањата во Собранието во Скопје на 27-ми април 2017 година.
Според Вучиќ, во Белград имало обид за реализација на „македонско сценарио“, кое го спроведувале опозициските лидери Вук Јеремиќ и Драган Ѓилас, кои српскиот претседател ги нарекува „тајкуни и пријатели“ на премиерот Зоран Заев.