Свештеник е избоден со нож во текот на литургијата во петокот во Базиликата на свети Јосиф во Монтреал, а полицијата веднаш го привела напаѓачот.
Свештеникот Клод Гру, ректор на католичката базилика Ораториум на свети Јосиф, знаменитост на квебечката метропола и најголема црква во земјата, бил полесно ранет. Примен е во болница, но животот не му е во опасност, наведува полицијата.
„Неговата состојба е стабилна, се молиме за него“, соопшти бискупијата на Монтреал.
Засега нема информации за идентитетот, освен дека станува збор за 26-годишник, и за мотивите на напаѓачот кој свештеникот го избодел на литургијата во 8,30 часот по локално време на којашто присуствувале педесетина луѓе. Како и секое утро, литургијата директно била пренесувана на католичката мрежа Сол и светлина којашто емитува преку сателит и интернет, објави нејзината мрежна страница.
Мрежата CTV објави снимка од нападот на која се гледа како млад маж во јакна и со бејзбол капа, вооружен со нож налетува на свештеникот на олтарот и му задава удар, по што овој паѓа на земјата. Во заднината се слушаат криците на верниците. Свештеникот брзо станува, а напаѓачот го совладуваат лица од обезбедувањето. Набрзо стасува и полицијата по дојава на очевидци и го приведува осомничениот.
„Осомничениот е уапсен и спроведен во притвор, каде што ќе го сослушаат иследниците“, рекла Каролин Шеврефил, портпаролка на монтреалската полиција.
Споменатиот храм, сместен на падините на гората Ројал во Монтреал, секоја година го посетуваат два милиона туристи.