
Поширокиот регион на Преспа од петокот се справува со пожари на неколку локации, а огнената стихија зафати делови и од Националниот парк Галичица.
Пожарот започна вчера од крајбрежјето под селото Сирхан, во близина на Отешево, но поради силниот ветер се префрлил преку патот и ја зафати шумата.
Од Противпожарната единица од Ресен соопштија дека досега се немаат соочено со ваква појава. Минатата 2018 година регистрирале вкупно 126 пожари вкупно, додека за само три месеца од почетокот на оваа година имало дури 113 пожари.
„Интервентиравме со осум пожарникари со четири возила. Силниот ветер ги попречуваше во работата, имавме помош од противпожарната единица од Охрид со едно возило и шест пожарникари, како и десетина лица од Националниот парк Галичица и со помош на мештаните успеаја да го спречат да се фати населбата. Трската и националниот парк мислам дека 300 хектари се изгорени“, вели Ристе Илиевски, командир на ТППЕ Ресен.
Екипи од Националниот парк Галичица се на терен и прават заштитен појас за да не се прошири пожарот. Во саботата беше јавено за неколку активни пожари на територијата на Општина Ресен. Едниот во реонот на населбата Стење, другиот кај село Долно Перово и третиот кај село Прељубље. Денеска гореше и трската кај паркот на природата Езерани, кој е заштитен резерват на ретки птици .