Полициски службеници на партиски активности на СДСМ

Попусти се сите барања на изговори од владејачкиот СДСМ дека нивните кадри во Министерството за внатрешни работи, работеле професионално и во интерес исклучиво на граѓаните, бидејќи нивните кадровски решенија, командири, началници, шефови, се сѐ само не професионалци, реагираат од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Опозиционерите своите тврдења ги аргументираат со приложени фотографии , на коишто може е да се види командирот на Полициската станица Прилеп, Кире Спиркоски – Чипсио дека присуствува на состаноци со активисти на СДСМ ОО Прилеп, заедно со градоначалникот Илија Јованоски и првите луѓе на партијата.

„Дали ова е таа посветеност и работа во интерес на сите граѓани? Дали првите луѓе на СДСМ во МВР се директно впуштени во партиска кампања и активности на терен? Ова ли се реформите во полицијата кои ги ветуваа пред граѓаните?“, прашуваат од прилепскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ:

Наведуваат и дека доказ за таканаречената професионалност се и новите кадровски решенија во Полициската станува Прилеп, каде што од пред извесен период е според нив е вработена Дафина Спиркоска Гешоска, сестра на партискиот шеф на СДСМ Прилеп, Александар Спиркоски – Џемо, како и Александра Бозоска, која е посочена како внука на секретарот на парламентот, Цветанка Иванова, поранешна социјалдемократска пратеничка.

„Граѓаните бараат поголема безбедност и се загрижени од зголемениот број криминални појави, вооружени грабежи и демолирање на автомобили во сопственост на неистомисленици со владеачката структура. Вчера беа Марјан Ристески и Гоце Стефаноски, а утре може да биде секој друг граѓанин кој не се согласува со ваквата партизираност, непотизам и предавства на државата и народот“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.

За среќа, се додава во објавата, прилепчани прво на 21-ви април, а потоа и на 5-ти мај, ќе ја казнат оваа „разуздана власт“ и „ќе ја сместат на темната страна“ од македонската политичка историја.