Општина Шуто Оризари демантира дека Дудуш се тепал со граѓанин

Од Општина Шуто Оризари денеска ја демантираат и целосно ја отфрлаат информацијата, за наводната физичка пресметка меѓу градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш и граѓанин, во општинската зграда на ден 30.04.2019 година.

Во билтенот на МВР објавен на 01 мај, годинава, сепак стои дека околу 11.30 часот во полициската станица Чаир, Сенад Ј. од скопското село Трубарево, пријавил дека на 30 април, 2019 година околу 13.20 часот во општина Шуто Оризари, К.Д. физички го нападнал.

Според информациите на НетПрес објавени во петокот кога неколку пати се обидовме да стапиме во контакт со градоначалникот, Дудуш неколкупати го удрил со тупаници Сенад Ј. (40), во пределот на главата и лицето. Неофицијално, истепаниот е поранешен возач на градоначалникот на Шуто Оризари.

Според Општината пријавата пред полициските службеници ја дало лицето С.Ј, поранешен и сегашен осуденик, познат во населбата по своето девијантно, насилничко однесување и против кого ќе се поднесе соодветна пријава за нарушување на чест и углед пријавувајќи невистинити настани пред службени лица.