Северна Кореја минатата седмица лансирала ракети и проектили, изјави во средата вршителот на должноста американски министер за одбрана Патрик Шанахан.
„Командантот на генералштабот на вооружените сили Џозеф Данфорд ме повика и ми кажа дека Северна Кореја лансира ракети и проектили“, рече Шанахан.
Пјонгјанг потврди дека минатата седмица лансирал ракети и најмалку еден проектил со кус дострел, појаснувајќи дека станувало збор за „регуларна и одбранбена вежба“ која не е опфатена со преговорите за денуклеаризацијата.
„Тоа не претставува ништо друго освен дел од регуларната воена обука. Вежбата не беше насочена кон никого, ниту резултираше со влошување на состојбите во регионот“, рекол неименуван портпарол на севернокорејското министерство за надворешни работи цириран од службената новинска агенција KCNA.
Вежбата во саботата беше првиот тест на балистички проектили кој го изведе Северна Кореја од ноември 2017 година, кога истрела интерконтинентален блаистички проектил со долг дострел, кој може да понесе нуклеарна боева глава и да достигне цели на територијата на САД.
Новите севернокорејски лансирања на проектили и ракети доаѓаат откако разговорите со САД и Јужна Кореја од февруари година се закочија и предизвика аларм во двете земји кои настојуваат да го наведат Пјонгајнг да ги укине своите програми за развој на нуклеарно оружје и балистички проектили. Северна Кореја за возврат, пак, бара укинување на некои од острите меѓународни санкции наметнати поради нуклеарните проби.