Отворен вториот циклус од програмата за самовработување

Вториот циклус од програмата за самовработување, која веќе прерасна во бренд програма во оперативниот план за активни мерки и програми за вработување е отворен денеска. Програмата е реализирана од страна на МТСП, АВРМ и Агенцијата за поддршка на претпиемништво и Програмата за развој на ОН, УНДП.

Вкупно 5.835 граѓани го оствариле својот сон да започнат сопствен бизнис во изминативе седум години. Од нив 75 отсто успешно функционираат, а многумина од нив веќе отвориле дополнителни вработувања за членови на нивното семејство и други невработени лица.

Од вкупно 5.835 до сега отворени бизниси, речиси  1/3 се отворени од жени претприемачи, а 2.000 бизниси се од млади лица до 29 години.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска истакна дека бројките од оваа програма ја потврдуваат нејзината успешност и покажа дека сонот за сопствен бизнис е остварлив.

„Со вториот циклус што го објавуваме денеска, ќе поддржиме основање на уште 400 фирми со што ќе се заокружи планираниот број од вкупно 900 бизниси”, нагласи министерот Спасов, кој исто така ги повика сите невработени кои имаат бизнис идеја, да ја искористат оваа шанса и да аплицираат.