Шест лица, меѓу кои и свештеник се убиени во неделата утрото во напад во текот на мисата во католичката црква во Дабла, на северот од Буркина Фаса, се дознава од локални и безбедносни извори.
„Околу 9 часот по локално време во текот на мисата, вооружени лица упаднале во католичката црква и пукале додека верниците се обидувале да побегнат“, рекол градоначланикот на Дабла, Усман Зонго. Напаѓачите убиле пет лица и свештеник кој ја предводел мисата, додал.
Според полициски извор, нападот го извела група вооружени мажи на возраст меѓу 20 и 30 години. Потоа ја запалиле црквата, како и околните продавници и заминале до амбулантата која ја пребарале и запалиле болничко возило, додал Зонго. Во градот во неделата владеела паника, луѓето не излегувале од домовите, продавниците биле затворени.
Нападот е изведен два дена откако на северот од Буркина Фасо двајца француски воени специјалци загинаа во операцијата за ослободување четворица заложници грабнати од исламистичка групација.
Букрина Фасо последните четири години е соочена со сѐ почести напади кои им се припишуваат на џихадистичките групи. Во прво време нападите беа концентрирани на северот, а подоцна ги зафатија и другите региони и главниот град. Од 2015 година во нападите се убиени околу 400 лица, според податоците на агенцијата AFP.
Цел на џихадистичките напади редовно се верски лица, и христијански и муслимански. Кон крајот на март шест лица беа убиени во нападот врз протестантска црква во Силгаџи, на северот од Буркина Фасо. Претходно во февруари беше убиен еден салезијански мисионер, Џихадистите убија и неколку имами, бидејќи ги сметале за недоволно радикални и ги обвинувале за состаботка со властите. Аналитичарите тврдат дека нападите врз црквите се дел од стратегијата на џихадистите да се разгори меѓурелигиски судир.