Момчето кое вчера се здоби со изгореници од струен удар сместено е во болницата Пирогов, во Софија, Република Бугарија, во сигурни раце на специјалист за детски изгореници, извести во саботата вечерта Министерството за здравство.
Претходно во саботата претпладнето на социјалните мрежи се појави веста дека момчето има изгореници од 4-ти степен и оти е потребен хиликоптер за детето да се однесе во Словенија. Од објавата на Facebook беше видливо дека се бара помош од министерот за здравство, Венко Филипче.
Потоа беше објавено дека Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и сите засегнати институции се на располагање, и оти се подготвува медицинска документација и се организира превоз за момчето кое вчера се здоби со изгореници од струен удар на желеничка пруга во најбрзо време да биде пренесено на лекување во странство.
Министерството потоа вечерта објави дека за транспорт на пациентот, било обезбедено санитетско возило по сите стандарди, згрижено според сите протоколи и упатено е на натамошно лекување во најдобриот центар за изгореници на Балканот, се додава во соопштението за медиумите.
„На располагање беа и хелихоптери од Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, но поради сериозноста на повредите, момчето е пренесено со санитетско возило од брзата помош. За да стигне побрзо беше обезбедено и брзо поминување со полициска придружба од македонско-бугарската граница до болницата во Софија“, велат од Министерството за здравство.
Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи биле активираани веднаш и направиле сѐ да му се помогне и да се спаси неговиот живот.
Се изразува и голема благодарност до Република Бугарија, каде веднаш прифатија лекување и обезбедија место за момчето.