Потпретседателот на меѓународната фудбалска асоцијација ФИФА и претседател на Африканската фудбалска конфедерација (CAF), Ахмад Ахмад, е приведен во Париз поради обвинување за корупција.
Само ден откако Џани Инфантино во Париз беше изран за нов-стар претседател на ФИФА, еден од неговите најблиски соработници мораше да се јави во полицијата на испитување поради обвинение за корупција, злоупотребувајќи ја службената положба, но и за сексуално вознемирување.
Ахмад Ахмад е на чело на африканскиот фудбалски сојуз од март 2017 година, а обвиненијата за корупција и финансиски малверзации стасаа од генералниот секретар на оваа огранизација Амр Фахми, кој потоа беше отпуштен.
„Господинот Ахмад е испитуван од страна на француските власти во врска со наводите поврзани за неговиот мандат како претседател на Африканската фудбалска конфедерација. ФИФА не е запознаена со поединостите кои се однесуваат на оваа истрага и затоа не е во можност да даде какво и да е коментар на неа, меѓутоа ги побаравме од францускиет власти сите информации кои би можеле да бидат релевантни за истрагите кои се одвиваат во етичкиот комитет“, соопштија од светската фудбалска федерација.
Фахми го обвини Ахмад за исплата на мито на поедини претседатели на националните африкански федерации во износ од 20.000 американски долари, како и за плаќање на 830.000 долари на една француска компанија која посредувала во набавка на спортска опрема, како и за тоа дека потрошил повеќе од 400.000 долари кои му припаѓале на CAF за во Египет и Мадагаскар да основа компанија преку која се купени неколку автомобили.
Ахмад ги негираше сите обвиненија. „Сите одлуки се донесен на колективен и на транспарентен начин“, рече Ахмад кон средината на април годинава.
Веста за приведувањето на првиот човек на африканскиот фудбал доаѓа само две седмици пред почетокот на африканското првенство коешто ќе се одржи во Египет од 21-ви јуни до 19-ти јули.