Голема нарко-лабораторија откриена во Холандија благодарејќи на паднато стебло

(Photo: Politie.nl)

Една од најголемите лаборатори за производство на дроги во криминалистичката историја на Холандија била откриена во југозападниот дел од земјата, благодарејќи на соборено стебло во невремето, пренесува порталот Dutch News повикувајќи се на локалната полиција.

Ноќта кон четвртокот во силното невреме паднало дрво во селото Ауд-Восемер, во покраината Зеландија. Утрото локални жители кои се обидувале да го расчистат локалниот пат, почувствувале чудна миризба која доаѓала од близок хангар. Како што се покажало подоцна, хангарот бил преуреден во лабораторија за прочистување кокаин.

При претресот на лабораторијата нема уапсени, бидејќи нарко-дилерите кои ја користеле лабораторијата исчезнале пред пристигнувањето на полицијата. Правосудните органи велат дека станува збор за една од најголемите откриени нарко-лаборатории во историјата на земјата. Точното количество наркотиции и суровини кои биле чувани во хангарот сѐ уште не е познато, бидејќи уште се во тек работите на целосно демонтирање на објектот.

Претходно во четвртокот Европската опсерваторија за наркотици и токсикоманија соопшто дека  Белгија, во соседството на Холандија, ги надминала другите земји во Европската унија според количествата кокаин запленети од дилерите и криумчарите. Таму во 2017 година биле конфискувани 45 тони кокаин. Според овој показател следат Шпанија со 41 тон, Франција со 17,5 тони и Холандија со 14,6 тони кокаин. Во ЕУ како целина, во 2017-та биле запленети 140,6 тони кокаин, што е речиси двојно повеќе од претходната 2016 година, кога биле конфискувани 70,9 тони.