Македонија со дупка од 55 милиони евра, а Тевдовски лаже дека буџетот се полни

Во емисијата „Отворено на Алфа“ гостуваше Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при што истакна дека владата и УЈП имаат дупка од 3 милијарди денари уште во првите 5 месеци од годината. Дефицитот во буџетот го покажува и извештајот на Народната банка каде прецизно е посочен со бројка од 55,3 милиони евра.

Сомнежите дека Македонија запаѓа во се подлабока криза ги подгрева и тоа што нема никаква реакција од страна на власта по овие тврдења, а секако не може да се сокрие вистината бидејќи во статистичкиот извештај е објавена и табела што ги потврдува информациите на Мицкоски.

Јас навистина сум вчудоневиден со која леснотија министерот за финансии Тевдовски кажа дека буџетот добро се полни. Но од оние информации кои што јас ги имам делот на полнење на буџетот кој што доаѓа преку УЈП мислам дека не е така.Затоа што потфрлањето од јануари до мај месец е многу поголемо во однос на планираното собирање на даноци во буџетот. И освен тоа да кажам дека не ја говори вистината и не можам друго што да кажам. Сега дали не ја говори вистината за да купи повторно да кажам определено политичко време пред да се случи некој нов економски шок и потрес во државава тоа не ми е јасно.  Единствената вистина е дека буџетот не се полни како што треба. Моите информации се дека околу нешто повеќе од 3 милијарди денари, нешто повеќе од 50 милиони евра се помалку собрани пари од тоа што е планирано, посочи Мицкоски.

Во извештајот на Народната банка објавен на 31 мај, за  првиот квартал од 2019 година во тековните трансакции  укажува на дефицитот на тековната сметка од 55,3 милиони евра, пред сѐ заради помалиот суфицит кај секундарниот доход (за 194 милиони евра), којшто делумно е неутрализиран преку подобрите остварувања во размената на услуги (за 146,1 милион евра).

Според извештајот на Народната банка во споредба со првиот квартал од минатата година, дефицитот на тековната сметка е зголемен за 18 милиони евра, што во најголем дел се објаснува со промените во сaлдото на стоковната размена (за 10,1 милион евра), како и намалениот суфицит кај услугите и секундарниот доход (за 4,5 и 3 милиони евра, соодветно).