На Тајланд уапсен лажниот Џорџ Клуни и неговата партнерка

Италијанскиот државјанин, 58-годишниот Франческо Галдели кој лажно се претставувал како американскиот актер Џорџ Клуни за да промовира и продава облека, уапсен е на Тајланд заедно со партнерката, 45-годишната Вања Гофи.

Галдели и Гофи се наоѓаат на „црвената“ потерница на Интерпол од 2013 година, а имајќи предвид дека долго го избегнувале апсењето, многумина ги споредуваат со познатата американска гангстерска двојка Бони и Клајд.

Славниот холувидски актер ги тужеше уште во 2010 година и во рамките на својата тужба сведочеше пред италијански суд. Галдели и Гофи се обвинети и за низа други измами сторени во Италија.

Двојката била приведена во саботата утрото во рамките на заедничката акција на талјандската и италијанската полиција во предградие на Патаја, известија локалните власти.

„Во текот на испитувањето, Франческо призна дека се претставувал како Клуни кога започнал со бизнисот со продажба на облека, бидејќи на тој начин сакал да ги залаже луѓето да му испратат пари“, соопшти тајландската полциија, додавајќи дека двојката живеела на Тајланд од 2014 година.

Галдели таа година бил уапсен, но успеал да побегне од притоворот. Дополнителната истрага, спроведена по налог на италијанските власти, покажала дека бегството му успеало откако на затворскиот чувар му платил околу 550 евра да го пушти од притворот, пренесуваат италијанските медиуми.

Полицијата извести дека Галдели и Гофи изминатите години се издржувале од продажбата на лажни часовници од луксузниот бренд „Rolex“ преку интернет. Во меѓувреме им истекле визите за престој на Тајланд, па двајцата се обвинети и за нелегален престој во оваа земја, а потоа ќе биде покрената и постапка за нивна екстрадиција, додава полицијата.