Преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2019 година овозможивме директна финансиска поддршка на микро,мали и средни претпријатија, во вкупен износ од 21 милион денари преку кофинансирање на 70 отсто од докажаните трошоци за набавка на опрема и алати,за дизајн на производ или пак за учество на домашни саеми за износ до 300.000 денари.
Сето ова е со цел на претприемачите да им се помогне во унапредување на нивното работење, подобрување на квалитетот на производство, поголема конкурентност, како на домашниот така и на странските пазари, рече министерот Бектеши во своето обраќање на свеченото доделување на решенијата за исплата по мерките од оваа програма.
– Почнувајќи од 2017 година, оваа Влада со донесениот План за економски раст се определи за уште поинтензивна поддршка на секторот мали и средни претпријатија. Така, во рамки на Програмата за конкурентност иновации и претприемништво во 2017 година, со ребалансот на Буџетот во месец август, обезбедивме дополнителни 16 милиони денари за поддршка на МСП, па буџетот од првично планираните 8.890.000 денари го зголемивме на 24.890.000 денари. Со овие дополнително обезбедени средства овозможивме креирање на нова мерка – Финансиска поддршка за микро, мали и средни претпријатија, како дополнување на постојните мерки од Програмата – додаде Бектеши.
Основна цел на оваа мерка е да се овозможи на малите и средни претпријатија, кои се занимаваат со производство и услуги преку набавка и користење на пософистицирана, помодерна опрема и технологија, да ја зголемат продуктивноста и конкурентноста затоа секоја година за оваа мерка постои голем интерес. Збирно за три годни(2017,2018,2019) со вкупно обезбедени 59 милиони денари се субвенционирани 240 микро,мали и средни претпријатија.
– Колку е навистина голем интересот за оваа мерка кажува фактот дека средствата во вкупен износ од 21 милион денари предвидени за оваа мерка се исцрпија уште пред завршување на рокот определен во јавниот повик. Гледано во бројки, годинава се веќе субвенционирани 87 микро, мали и средни претпријатија но во 2019 предвидено е да се подржуваат претпријатија чија претежна дејност е преработувачката индустрија или градежништвото – рече Бектеши додавајќи дека за два јавни повици сеуште трае рокот за аплицирање до 30 јуни, и тоа за јавниот повик за субвенционирање на претпријатија во сопственост и управувани од жени и за јавниот повик за субвенционирање на занаетчии .
Решенијата на претприемачите им ги врачи министерот Крешник Бектеши.