Министерството за економија согласно Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, во 2024 година ќе доделува потврди-ваучери за одмор на овие категории граѓани.
Јавниот повик ќе биде објавен во понеделник на 12 февруари, а сите кои имаат ниски приходи ќе може да аплицираат за ваучер-потврда во вредност од 18.000 денари, објави министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција.
Како што кажа, главната цел на оваа мерка за која и минатите години имаше голем интерес, е да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор, и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.
„Обезбедени средства во износ од 64.000.000 денари (околу милион евра) односно ќе се издадат вкупно 3.555 потврди-ваучери за одмор за работници со ниски приходи. Право на учество на јавниот повик имаат сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари”, изјави Бектеши.
Според министерот, потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи надвор од туристичката сезона во некој од угостителските објекти од Листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб страната на Министерството за економија.
„Потврдата за одмор на работници со ниски приходи ќе може да се искористи од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 01 декември 2024 година”, кажа министерот.
Тој исто така информираше дека денеска е краен рок за аплицирање за хотелите кои сакаат да примаат гости со ваучери за одмор.
„Оваа мерка во минатото даде видливи резултати. Бројот на домашни туристи во континуитет се зголемува во последните години, а бројот на ноќевања веќе и го надмина бројот на странски туристи”, потенцираше министерот.