Груби се откажа од учество во Комисијата за селекција на работници од УБК

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, соопшти дека поради преголеми други обврски нема да биде во можност да учествува во работата на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање.

На денешната седница на Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање, пратеникот на ДУИ, Груби, заедно со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Димков, беше предложен да учествува во работата на тоа тело.

Во врска со заклучокот на Комисијата во кој сум предложен да учествувам во работата на Комисијата за селекција и избор на работници од Управата за безбедност и контраразузнавање, поради преголеми други обврски Ве известувам дека не сум во можност да учествувам во работата на оваа Комисија – се наведува во писмото на Груби до претседателот на Собранието и до претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.
Комисијата денеска ги избра членовите Димков и Груби кои, како што рече претседателот на Комисијата Трајко Вељаноски, се предложени по претходна консултација со политичките партии.