Откако спроведе целосна лична пресметка, во крајно незаконска постапка и надвор од одредбите на Колективниот договор, директорот на Агенцијата за разузанвање, Еролд Муслиу, влезе во втората фаза од исплатата на фактурите за победата на Стево Пендаровски на изборите за претседател.
Овојпат унапредени се сите вработени кои се членови на централното раководство на Демократскиот сојуз на Павле Трајанов, заедно со негови блиски роднини, вработени во АР. Иако сите кои учествуваат во оваа постапка на Муслиу се свесни дека се кршат повеќе законски одредби кои судски ќе бидат и нотирани, сепак, поради голем страв не се во состојба да се спротивстават на ваквото лудило на Муслиу.
Дел од адвокатските тимови кои долго време застапувале вакви спорови во судските постапки коментираат дека после добивањето на судските спорови за незаконските прераспоредувања, оштетените можат да поведат и кривична одговорност за Муслиу пред Основното јавно обвинителство за кривично дело несовесно работење. Овде, според познавачите на материјата, освен материјалната штета, може да се побара и забрана за вршење на определена професија или дејност на одговорното лице, во случајот директорот Муслиу.
Правната пракса во вакви случаи, ако се земат в предвид илјадниците тужби кои ги изгуби МВР од своите вработени, е целосно на страната на работниците. Победничката одмазда која го обзела Муслиу мошне брзо може да му се врати како бумеранг и да биде причина за масовна исплата на отштети за ваквите незаконски решенија кои ќе го доведат во ситуација да одговара пред институциите на системот. Сѐ уште нема никаква правна асистенција од Македонскиот полициски синдикат чии членови се вработените во АР кои се незаконски распоредени.
За оваа бесправна операција на Муслиу ќе бидат доставени податоци и до собраниската комисија за надзор на работата на Агенцијата.