Од утре на „Коридорот 10“ започнува работата на електронската патарина. Со ова на патот од Табановце до Гевгелија патарините ќе бидат поевтини, а и чекањето за плаќање треба да биде покусо.
Корисниците на електронска картичка ќе платат помеѓу 2 и 7% пониска цена, иако за 7 отсто помали цени треба навистина многу да патувате. Електронската наплата се прави со картички кои ќе бидат достапни за 100 денари на наплатните рампи, или за 1.200 денари е достапен таг за автоматско отчитување. Картичките и тагот се надополнуваат, сопствениците на картичките добиваат попуст при секое полнење. За полнење од 201 до 10.000 денари попустот е 2%; од 10.001 до 50.000 денари попустот е 3%; од 50.001 до 300.000 денари попустот кој го добива корисникот е 7%.
Иако повисоките попусти ќе им бидат од корист на превозниците, од побрзото минување на патарините корист ќе имаат сите. Корисниците на тагови воопшто нема да мораат да застанат на патарините иако секако ќе треба да забават. Со електронска картичка возачот ќе треба да застане и да ја допре картичката до скенерот.
Минималната цена за нова картичка е 100 денари и минимални 300 денари за полнење.
Полнењето на картичките може да се направи или на наплатните рампи или онлајн. Дополнително од веб-страницата ќе може да се следи и состојбата на картичката, колку од кредитот е потрошен и колку е достапен за трошење.
До мај 2020 се предвидува сите патарини да бидат дигитализирани.